ЈАПОНСКИОТ ПЕЈАЧ КАЗУХИРО КОТЕЦУ ЌЕ ПЕЕ МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ НА КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 28 јуни од 20 часот, во Малата сала на Филхармонијата ќе се одржи концертот „Јапонско срце бие во македонски ритам“. Ќе настапат јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, познат по својата љубов кон македонските музика и култура и младата сопранистка Елена Васова. Котецу ќе ги пее народните песни „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“, „Ако умрам ил’ загинам“ и други.

„Публиката ќе чуе и јапонски и македонски песни, кои ќе ја истакнат поврзаноста помеѓу македонската и јапонската култура, На концертот ќе настапат и јапонскиот женски хор ‘Tomoni Utao’ со пијано придружба на Акико Каназава, македонскиот мешан хор ‘Про Арс’, пијанистот Иван Трајковски и јапонската сопранистка Чихиро Суганума“, вели организаторот „Термалифт“ од Куманово.

Ќе диригира Сашо Татарчевски.

„Во иднина сакам многу повеќе да бидам во Македонија, да ја прошетам земјата, да ги запознам луѓето и да ја доживеам вашата величествена природа“, кажа Котецу, кој во февруари беше гостин на „Златна бубамара на популарноста“.

Фото: К. ПОПОВ