Денеска (22 јануари) од 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе одржи концерт насловен „Јинг-Јанг“, на кој како солисти ќе настапат врвниот виолинист Теди Папаврами (Албанија/Велика Британија) и пијанистката Маки Окада (Јапонија/Швајцарија).
Диригент е Олси Кинами, а на програмата се увертира од операта „Крадливата страчка“ од Џоакино Росини, Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во Д-дур, оп. 6 од Николо Паганини и Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во Е-мол, оп. 11 од Фредерик Шопен.
Папаврами е роден во Тирана во 1971 година и почнал да свири виолина на четири години. Студирал виолина кај својот татко Роберт Папаврами. На осумгодишна возраст свирел со Тиранската филхармонија.
Папаврами се појави во минисеријата „Опасни врски“ од 2003, играјќи го Рафаел Дансени. Денес живее во Женева, каде што работи како професор по виолина.
По завршувањето на студиите во Токио, Маки Окада ги продолжила студиите во Франција. По враќањето во Јапонија работела како концертна пијанистка, одржувајќи бројни рецитали, но и како солистка во оркестри и камерни состави.