Обоистот Васил Атанасов ќе одржи концерт по повод 50 години уметничка дејност денеска (28 април) од 20 часот во Музејот на македонската борба во Скопје, насловен „Васил и пријателите“.
Покрај Атанасов, ќе настапат бројни истакнати уметници и соработници: Борис Трајанов (баритон), Весна Гиновска-Илкова (сопран), Александар Јојковиќ (тенор, Србија), Коки Анѓелидијан (харфа, Бугарија), Драган Даутовски (фолклорни инструменти), Марија Јојковиќ (пијано, Србија), Катерина и Глигор Гелебешеви (дуо пијано), Тодор Светиев (пијано), Томе Атанасов (обоа), Дарко Багески (гитара) и Влатко Митев (фолклорен тапан). Ќе учествуваат и Скопскиот дувачки квинтет, камерниот оркестар „Скопски солисти“ под диригентство на Иван Еминовиќ и женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ со диригентката Летка Димовска-Полизова.
Програмата опфаќа дела од Бах, Вивалди, Верди, Чајковски, Вебер, Рахманинов, Крајслер, Родригес, Смокварски и други. Поезија ќе рецитира Ефтим Клетников, а водителка е Ирена Спировска.
Васил Атанасов е еден од најистакнатите македонски обоисти. Роден е во Струмица во 1957. Од 1980 до 2021 беше прв обоист на Филхармонијата и е нејзин поранешен директор. Настапувал ширум светот, добитник е на бројни престижни награди и признанија и има богата дискографија и значаен педагошки придонес.