Каролина Гочева првпат одржа концерт на плоштадот во Валандово сношти (26 мај), во организација на општината, а во рамките на Фолк-фест Валадово. Настапот на поп-ѕвездата беше одложен за два дена поради лошото време.
За првпат по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 62 лица, Каролина настапи без Сара Пројковска, која со години беше нејзин придружен вокал и блиска пријателка. Пројковска, инаку професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност, загина во пожарот во Кочани за време на настапот со групата „ДНК“.
Со Каролина на сцената во Валандово пееше Ана Костадиновска, која со Пројковска ги следеа речиси сите домашни поп-пејачи на концертите и беа придружни вокали на сите поважни манифестации. Костадиновска и Пројковска во многу наврати имаа кажано дека се блиски како сестри.
Костадиновска е професорка по пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Првпат по трагичниот пожар пееше без својата најблиска другарка и вели дека со поддршката од Каролина до неа ѝ било полесно.

„Каролина е кралица, една и единствена. и како уметник и како човек. Таа и Елена Ристеска беа покрај мене целиов овој период и го направија поподнослив во секоја смисла. Каролина и јас си имаме наша интимна приказна, која, покрај професионалната, трае со години и е еднакво цврста. Каролина ми беше најголемиот столб во сите мои животни бури и премрежиња и затоа појавувањето на сцена покрај и зад неа за мене беше многу поедноставно“, ни рече Костадиновска.
Каролина Гочева вели дека ѝ е драго што за првпат ја почувствувала топлината на валандовската публика.
„За првпат во Валандово, дури и неверојатно ми е што низ годините никогаш не сум настапила и дури сега ја запознав и почувствував оваа прекрасна, топла публика. Со оглед на тоа што првиот настан во саботата се откажа поради временските прилики, на повторното доаѓање веќе се чувствувавме како дома и огромна благодарност до нашите домаќини за поканата, гостопримството, а и за сокот од калинка. Толку ни беше убаво што свиревме подолго од планираното и многу би сакала да се дружиме пак“, ни рече Каролина Гочева.

Истата вечер, на плоштадот во Валандово настапија раперот Тајзи и дуото „Ике де Кока“. На 23 мај концерт одржаа Тамара Тодевска, Сузана Спасовска и „Болеро бенд“.
М. ЏАРОВСКА