Владо Јаневски и Бајага ќе одржат заеднички концерт на 14 февруари во Скопје, во салата „Борис Трајковски“, во организација на „Авалон“. На прес-конференцијата денеска (28 јануари) во Скопје, и двајцата рекоа дека се знаат долго време, а се запознале на почетокот на 1990-тите, кога Јаневски го снимал првиот соло албум.
„Слушнав дека има некој дечко од Скопје кој прави фантастични текстови и кога дојде кај мене во студио, знаев кој е. Соработката лесно ни течеше од самиот старт“, рече српскиот кантавтор.
„Кога заминав кај Бајага имав цели две-три песни и ми требаше помош како ‘млад’ пејач. А, кој да ми напише песна освен најголемата ѕвезда. Бајага и јас сме стари другари, по години сме слични, но тој имаше фора многу пред мене, затоа што почна како многу помлад. Тој ми дозволи да ја препеам ‘Твоите очи’ од Здравко Чолиќ, која тој ја напиша“, рече Владо Јаневски.
Бобан Милошески, менаџерот од „Авалон продукција“, кажа дека употребил „менаџерска финта“ за да ги спои на заеднички концерт, и тоа на денот на вљубените.
„Со Владо се договаравме оној одложениот концерт од 2024 во салата ‘Јане Сандански’ да го направиме на крајот на 2025. А, со Бајага се договаравме да организираме поголем концерт за 40 години кариера. Така на Владо му рековме дека Бајага веднаш се согласил да пее заедно со него, а на менаџерот на Бајага му го кажавме истото, а вистината е дека претходно немавме разговарано ниту со едниот, ниту со другиот. Откако и двајцата рекоа дека им се допаѓа идејата, го закажавме концертот“, рече Милошески.

„Бобан ми рече дека Владо живее во илегала во Гевгелија, поретко доаѓа во Скопје и не следи дневни случувања, па морав јас да го извадам од илегала и да го натерам да пее во Скопје“, се пошегува Бајага.
Јаневски додаде дека навистина во Гевгелија живее како во илегала и не гледа вести.
Бајагиќ се присети на неговата прва турнеја со „Рибља чорба“ низ Македонија, кога биле придружен бенд на Драган Мијалковски. На таа турнеја од 1978 со нив бил и хрватскиот пејач Дарко Домијан.
„Драганче е прекрасен и уште паметам како го пеевме она неговото ‘Кажи нешто драга, па макар и лага‘“, рече Бајага и запеа стихови од песните на Драган Мијалковски.
Од „Авалон“ рекоа дека ова ќе биде концерт од 4-5 часа, а не е исклучено Бајага и Владо Јаневски заедно да испеат нешто. И двајцата автори кажаа дека и денес, во време на вештачка интелигенција, песните ги пишуваат на старински начин, на хартија и со пенкало.
М. ЏАРОВСКА