Млади и искусни пејачи ќе настапат на концертот „Ѕвездена симфонија“ на Битолскиот камерен отркестар кој ќе се одржи на 20 мај од 20 часот во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.
Една од пејачките е Ана Петановска, која на „Златна Бубамара на популарноста“ ја доби наградата за најперспективна пејачка. На истата манифестација, Битолскиот камерен оркестар ја доби наградата за најпопуларен оркестар, а диригираше Владимир Димовски, кој ќе диригира и на концертот во Скопје.
На концертот ќе пеат: Андријана Јаневска, Јана Бурческа, Горан Наумовски, Наде Талевска, Полина Тасева, Викторија Лоба, Јасна Димитровска, Огнен Димовски, Кристина Жечкова, Лара Иванова, Мила Николовска, Теодора Матеска, и поп-рок хорот „Битвокс“. Во придружба на Битолскиот камерен оркестар, ќе ги изведат најголемите поп и рок хитови од златната ера на Ем-Ти-Ви.
„Ѕвездена симфонија’ е продолжение на успешниот проект што минатата година се одржа на стадионот во Битола, а беше спектакл кој траеше 7 и пол часа, со над 5.000 публика. Одлучивме ова уникатно искуство да го донесеме и пред скопската публика, во нешто поразличен формат. Концертот ќе биде поделен на два дела. Во првиот дел ќе се пеат хитовите од 1980-тите и 1990-тите, ќе се вратиме во златните години на Ем-Ти-Ви, а ќе трае два и пол часа. Германскиот диџеј Шилер ќе настапи во вториот дел“, рече на прес-конференцијата во Скопје диригентот Владимир Димовски.
„Задоволство ми е што повторно сум во Македонија, само десет месеци по мојата последна посета. Последен пат бев тука во јули, и сега сум повторно во Скопје и многу сум среќен што сум дел од овој проект“, рече во видеопорака Шилер.
Се најавуваат повеќе од 100 учесници, балет и хор. Билетите се веќе во продажба преку мрежата на yournextevent.info.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Диригентот Владимир Димовски, Јана Бурческа, Ана Петановска и Горан Наумовски на прес- конференцијата во Скопје