КОМПОЗИТОРОТ ФИЛИП ГЛАС – ЛАУРЕАТ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ ЗА 2020

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмскиот фестивал Скопје синема сити му ја врачи наградата за животно дело на славниот американски композитор Филип Глас за неговите достигнувања во музиката и филмот. Првата ваква награда фестивалот во 2015 му ја додели на Дејвид Боуви, а годинава лауреат беше Влатко Стефановски.

Глас ја прими наградата за време на неодамнешните концерти во Париз (Фото: Скопје синема сити)

Глас, кој има три номинации за Оскар, ја прими наградата за време на неодамнешните концерти во Филхармониската сала во Париз. Во негова чест, во февруари во Кинотеката ќе се прикаже филмот на Ерик Дармон, „Филип Глас: Гледајќи го Глас“.

„Глас, кој во јануари ќе наполни 83 години, важи за еден од четворицата основоположници на минимализмот, правец што во 1960-ите и 1970-ите направи револуција во класичната музика. Зад него е опус што се состои од голем број симфониски дела, филмска музика, опери, музика за театар, дела за соло инструменти и хорска музика. Глас во 2000 одржа хуманитарен концерт во Универзална сала во Скопје“, велат од фестивалот.