Со концертот насловен „Бајка“, оркестарот на Филхармонијата денеска (18 септември) од 20 часот ќе гостува во Домот на културата во Гевгелија. Како солистка ќе настапи виолинистката Анна Кондратенко, концерт-мајстор во Филхармонијата.
Таа ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in! (Чукни и влези)“ од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.
Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнала да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнала во Специјалната музичка школа, а дипломирала на Високата музичка школа во Келн во 2004 година.
Пред две години, Кондратенко го оформи квартетот „Филхармонија“, составен од членови на оркестарот на Филхармонијата, со кој настапува на домашни и меѓународни фестивали. Моментално е концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и во оркестарот на „Фејмс проект“ од Скопје.