КОНЦЕРТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР СО КУБАНСКИОТ ГИТАРИСТ АЛАИН ПЕРЕЗ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 16 април од 20 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт насловен „Кубанска џез експлозија“. Гости се кубанскиот музичар Алаин Перез и неговата осумчлена ритам-секција „Ла оркестра“. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет и е дел од нивната европска турнеја.

„Со спој на салса, тимба и џез, концертот ветува вечер исполнета со ритам, страст и врвна музичка изведба“, велат од НЏО.

Алаин Перез е мултиинструменталист, пејач, композитор и продуцент со интернационална кариера. Своето светско признание го стекна како член на составот „Иракере“ и преку долгогодишната соработка со фламенко гитаристот Пако де Лусија. Добитник е на Греми награда и на Латино Греми и се смета за еден од најзначајните претставници на современата афрокубанска музика.

Билетите за концертот можат да се набават преку мрежата на Мк тикетс.