На 14 јули од 21 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт со американскиот музичар Дони Мекаслин во Македонскиот народен театар. Диригент ќе биде маестро Владимир Николов.
„Драго ни е што ќе имаме заеднички настап со еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена“, велат од Националниот џез оркестар.
Мекаслин соработуваше со Дејвид Боуви на неговиот последен албум и беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Мекаслин потоа продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика во која електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот.
Билетите за концертот можат да се набават онлајн и на продажните места на МКТикетс, а ќе се продаваат и на билетарницата на МНТ.