Мадона најави нов албум за следната година откако ја обнови соработката со „Ворнер рекордс“, издавачката куќа која ѝ помогна да стане суперѕвезда.
Како што објави „Ролинг стоун“, поп-кралицата му се враќа на денс звукот, па новиот албум е замислен како продолжение на „Confessions on a Dancefloor“ од 2005. Кон крајот на минатата година, Мадона откри дека се вратила во студио за да работи на нов албум.
Ова ќе биде прв албум на Мадона од „Madame X“ од 2019. Засега не се познати деталите за нејзиниот 15. студиски албум, како насловот и датумот на излегување.
Новиот албум ќе го означи нејзиното враќање во „Ворнер рекордс“, со која ги помина првите 25 години од кариерата.
„Од уметник кој се пробива во Њујорк до потпишување договор за снимање на само три сингла, во тој момент се чинеше дека мојот свет никогаш нема да биде ист, а, всушност, тоа не можеше да биде повистинито. Од самиот почеток, ‘Ворнер рекордс‘ беше мој вистински партнер. Среќна сум што сме повторно обединети и со нетрпение ја очекувам иднината“, соопшти Мадона, која минатиот месец наполни 67 години.
(Фото: Рикардо Гомес)