„МИЛАНОВА ИГРА“, КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА МИЛАН ЗАВКОВ НА 27 МАРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 27 март од 20 часот во Филхармонијата ќе се одржи концертот „Миланова игра“, во чест на Милан Завков, врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Националниот ансамбл „Танец“ кој почина на 7 февруари во 2023.

„Овој концерт има за цел повторно да го приближи неговото творештво до публиката преку современи музички интерпретации што ги спојуваат традицијата и современиот израз, при што делата ќе бидат изведени со камерен оркестар, специјално оформен за оваа пригода. Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, кои ќе бидат преработени од двајца врвни аранжери, Дамир Имери и Дарко Илиевски“, велат организаторите, „Баги комуникации“.

Завков започнува да свири хармоника од 8-годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“, со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.

„Но, без разлика на видот на дипломата, Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор,  хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970 година, со популарниот ‘Октет Македонија’ ја снима својата прва плоча. Со познатата група ‘Македонски мерак’ остварува врвни музички интерпретации и значаен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи“, рекоа од „Танец“.

Има соработувано со многу пејачи, а зад него ќе останат над 150 авторски песни, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија. тој е автор на хитовите „Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како други песни за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски и други.

(Фото: „Танец“)