МИНУТА АПЛАУЗ МЕСТО МИНУТА МОЛЧЕЊЕ ЗА ДРАГАН Б. КОСТИЌ ПОБАРА ГРУПАТА „МЕМОРИЈА“ НА ИЗЛОЖБАТА ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Приказната на групата „Меморија“ од 1983 до денес е прикажана на изложбата „Времеплов, од црно-бело во боја“, што се отвори денеска (22 декември) во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Пред изложбата, бендот одржа прес-конференција со вкупно 14-мина стари и нови членови, кои ќе свират на концертот во МКЦ на 25 декември од 20 часот. Секој од нив имаше носталгична приказна за својата историја во бендот. Најавено е дека на концертот ќе свират 24-ца музичари кои поминале низ култната поп-рок група, а се одржува симболично на местото каде што го имале првиот настап.

Изложени се и стари плочи, награди и гитари (Фото: К. Попов)

„На самиот почеток на ‘Меморија’ бевме јас, Дејан Миновски, кој сега дојде од Германија и Ристо Ставрев. Животот е чуден и сега овде требаше да биде и Драган Б. Костиќ, на кого му ја пуштивме првата касета со ‘Дирлада’ и тој веднаш рече дека песната ќе биде мегахит. Вчера, за жал, го испративме Драган и велам дека животот е чуден затоа што после тоа бевме на свадба, па на проба за концертот. Не можам да барам минута молчење за некој како него, туку минута аплауз, а за Драган треба да се зборува и да се аплаудира, а не да се молчи“, рече Петар Георгиевски-Камиказа, басистот и лидер на бендот.

На изложбата е прикажана целата историја на бендот од 1983 до денес (Фото: К. Попов)

Новинарот Антонио Димитриевски, кој беше тапанар во првата постава, се присети дека во еден период имал притисок од домашните да се посвети на едно нешто: факултетот, новинарството или на музиката и затоа си заминал од бендот. Димитриевски рече дека е среќен што „Меморија“ пак го потсетила на свирењето. Дејан Миновски, кој дојде од Германија, рече дека поради маглата на скопскиот аеродром слетал во Тирана и не спиел цела ноќ.

„Драган Костиќ ја пушти нашата прва песна во ‘Диско селектор‘“, се присети тој.

„Јас пеев на сите демо-снимки со чичко ми Коце Икономов. Во 1986, кога се вратив од војска, за првпат пеев на телевизија, со песна од Константин Икономов, за избор за ТВ-спот на Македонија, кога победи Калиопи со песна од Димитар Масевски. Истата година, мојот кум и другар Валентино Скендеровски ме викна да пеам во групата ‘Уликс’, а потоа ме поканија во ‘Меморија‘. Во 1988, со другар ми Ицо отидовме кај Перo дома во Карпош 3 и тоа ми е првиот допир со ‘Меморија‘“, се присети Апостол Икономов-Поце, вокалот на групата.

Перо Камиказа раскажа како во 1989 се скарале за музичкиот правец на групата, Поце си заминал од бендот, а тој потоа го замолил да се врати на почетокот на 1990-тите.

На концертот на „Меморија“ ќе свират 24 музичари (Фото: К. Попов)

„Влезе во студио и за седум часа го сними целиот албум без претходно да вежба, ете таков пејач е Поце“, рече Петар Георгиевски-Камиказа.

На прес-конференцијата беа и музичарите Игор Атанасовски-Харе, Давор Јордановски, Мите и Пеце Димовски, Ристо Самарџиев, Александар Стефановски-Јаблан, Валентино Скендеровски и други.

Групата снима нов албум и документарни филм и серија, чиј наратор требаше да биде Драган Б. Костиќ.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов