„Млада сум на 64 години и многу сакам да танцувам“, рече хрватската поп-ѕвезда Дорис Драговиќ вчера (14 март) на заедничкиот концерт со Петар Грашо во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Елегантна, непосредна и весела, сплитската пејачка речиси два часа играше на високи потпетици со истиот жар и непроменет глас како пред 40 години, кога на Евровизија во Норвешка во 1986 ја претставуваше поранешна Југославија со „Желбо моја“ (Жељо моја).

„Не сум ви пеела во Скопје 100 години. Но вас ве заклучивме во срцето и ве носиме долго време. Ви благодарам што ме вративте дома“, рече Дорис која по изборот за Евровизија во Берген, во Скопје наполни седум Универзални сали. „Планирам да пеам уште барем 40 години“, рече низ насмевка пејачката која во 1980-тите важеше за миленичка на македонската публика, а по топлиот пречек, покажа дека тој статус го задржала. Повозрасни двојки и друштва кои ја слушале тогаш, фанови кои биле деца во екот на нејзината најголема популарност и помлада публика дојде да ја види пак во Скопје и уживаше во нејзиниот глас, песни и приказни.
За постарите хитови, таа се пошегува дека се од времето на палеолитот, а за „Марија Магдалена“ со која во 1999 на Хрватска ѝ го донесе 4. место на Евровизија, потсети дека е снимена пред 27 години.

„Пред 35 години бев на плажа во Сплит, си играв со прамен од косата. Тогаш го здогледав него и знаев дека тоа е тоа. Сега имаме син од 35 години“, рече Дорис за сопругот, поранешниот ватерполист Марио Будимир.
По неа, на сцената дојде сплитскиот кантавтор Петар Грашо, ја нарече дива и кажа дека со години е маѓепсан од неа, па го испејаа дуетот од 1997 заедно со публиката.
Грашо доаѓа во Македонија почесто од Дорис, но овој негов настап беше поразличен и поенергичен од сите досега. Најави дека ќе ги пее само неговите број еден хитови, а испеа и неколку туѓи, како надополнување на приказната за оние кои растеле во 1990-тите.

„Тие години не беа баш најдобри, ни се случија многу лоши нешта, но музиката беше добра. Ние како деца немавме Фејсбук, ТикТок, Инстаграм, Снепчет, но се имавме едни со други. Читавме романи „Алан Форд“ и „Загор“, се договаравме за средба на фиксни телефони и имавме трпение, знаевме да чекаме и знаевме дека нештата не можеме да ги добиеме веднаш“, рече Грашо и испеа хитови од „Ганс ен роусис“, „Алфавил“ и „Прљаво казалиште“. Ниту еден негов концерт не поминува без песните на Оливер Драгојевиќ, стар пријател на неговиот татко, кој е заслужен што станал музичар.

„Имав 16 години, пишував песни и професионално играв кошарка. Тогаш добив стипендија да одам да учам и да играм во Чикаго. Татко ми кришум ја земал касетата на која ми беа снимени песните, и му ја дал на Оливер Драгојевиќ. Еден ден, ѕвони фиксниот телефон дома, и го слушам неговиот глас. ‘Дали вистина ти ги напиша оние песни? Тоа е многу добро. Нема да одиш никаде. Ќе пееш и ќе пишуваш песни. А едната ќе ми ја дадеш на мене да ја испеам.’ Така останав ви Сплит, а кој знае, да не беше Оливер можеби сега ќе бев келнер во некој ресторан за пилешко во Чикаго“, рече Петар Грашо кој на концертот прослави 30 години кариера, а публиката го врати на бис. Веселиот и носталгичен концерт траеше повеќе од три часа, а го организираше продукција „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА