МУЗИЧАРИ ОД ЕВРОПА СНИМИЈА НОВА ВЕРЗИЈА НА „ОДА НА РАДОСТА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичари од земји-членки на ЕУ и од Западен Балкан првпат се сретнаа во Филхармонијата во Скопје за да снимат нова верзија на „Ода на радоста“, збогатена со уникатни звуци од нивните земји. На настанот „Една песна, една Европа“ настапија музичари од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Франција, Германија, Косово, Црна Гора, Холандија, Македонија, Србија и Словенија.

Македонскиот трубач Серџук Алимов со колегите од Србија и Албанија (Фото: Приватна архива)

„Со нивните традиционални, класични и ретки инструменти, 12 музичари креираа нова интерпретација на ‘Ода на радоста’. Но, направија и многу повеќе од тоа. Создадоа приказна што нè потсетува на суштинските вредности: единство, солидарност и мир, раскажувајќи ја на универзалниот јазик на музиката“, велат од WeBalkans, иницијатива на Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија.