НЀ СПОИ ЉУБОВТА КОН РОК И ЏЕЗ МУЗИКАТА, ВЕЛАТ БРАЌАТА ТАВИТЈАН И ДАМЈАН ПЕЈЧИНОСКИ, КОИ СНИМИЈА ЗАЕДНИЧКА ПЕСНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски и браќата Тавитјан снимија заедничка песна со наслов „Entangled in Spacetime”. Музиката ја напиша Пејчиноски, аранжманот е на Диран Тавитјан, а браќата Тавитјан се продуценти.

„Соработката со Дамјан почна спонтано, најмногу поради компатибилните музички афинитети кон фјужн и џез рок, со кои сме растеле и сме се развивале. Посветеното усовршување и неуморното вежбање на инструментот и музичкиот вкус се заедничките спојки кои ги вкрстија нашите патишта. Првата соработка беше на наша покана, со гостувањето на нашиот концерт во Универзална сала во 2008, кога Дамјан отсвире моја авторска песна. Истиот концерт ја доби наградата за џез концерт на годината. Набргу потоа, Диран ја продуцираше композицијата со која тој настапи на интернационалниот натпревар ‘Гитар идол’ во Лондон. Следуваа повеќе соработки на кои го поканивме Дамјан, вклучувајки го и проектот ‘Македонското срце чука во 7/8’, каде сними гитари на песните во изведба на Жељко Јоксимовиќ и Мики Јовановски-Џафер“, вели Гаро Тавитјан.

Спотот за песната е во режија на Даниел Јовески.

„Се радувам што снимив песна со фантастичните браќа Тавитјан. Се надевам дека ова парче музика кое е пишувано со љубов и страст ќе допре до публиката“, рече Пејчиноски.