НА 29 АВГУСТ ПОЧНУВА ОХРИД ФЕСТ СО МУЗИЧКИ ГОСТИ ОД БАЛКАНОТ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (29 август) на сцената на „Долни Сарај“ во Охрид започнува фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури, кој ќе се одржи по 32. пат.

Првата вечер е фолк, а на 30 август е интернационалната вечер со поп музика, кога ќе настапат млади и искусни пејачи од Балканот. Меѓу гостите се српскиот евровизиски претставник Принц (фото) и хрватскиот рокер Дадо Топиќ, кој во дует со Ана Петановска ќе ја испее песната „Небо“, со која во јули победија на фестивалот „Бисер на Јадранот“ во Тиват.

Награда за особен менаџерски придонес во популарната музика ќе добие Рака Мариќ, некогашен менаџер на „Бијело дугме“. Мариќ и неговата продукција „Мјузик стар“ организираа концерти на „Ролинг стоунс“, „Полис“, Били Ајдол, Лени Кравиц и други.

Од македонските поп-пејачи настапуваат Горан Наумовски, Агни Авшар, Тамара Волческа, Блаж Маротов, Кристијан Неделковски и други.

На фолк-вечерта, една од ревијалните гостинки е Сузана Спасовска со песната „Невеста охридска“, како и Благоја Грујовски, а ќе учествува и Нино Величковски. Директорот на фолк вечерта Љупчо Соколовски вели дека и годинава, повеќето од песните ќе бидат во староградски, охридски мелос.

„Фестивалот традиционално ќе почне со видеоразгледница за Охрид, која ја гледаат повеќе балкански земји и тоа ми е особено драго, како роден охриѓанец“, вели уметничкиот директор на Охрид фест, Григор Копров.

Марјана Станојковска ќе ја води интернационалната вечер, а Ирена Спировска фолк вечерта.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Нова