Штипскиот пејач Зоран Илиев ќе настапи на Макфест со последната песна што ја напишал музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март како клавијатурист на групата „ДНК“. Стевановси беше тромбонист, композитор и директор на Центарот на култура во Штип.
„По трагедијата во Кочани, во која загина и нашиот пријател и колега Филип Стевановски, ми се јави неговата сопруга и ми кажа дека Филип речиси ја завршил неговата последна песна ‘Најмила’ и дека јас најдобро можам да ја испеам. Без двоумење прифатив“, вели Илиев, кој е победник на Макфест во 2011.
„Тогаш веднаш си реков дека тоа е голем предизвик, но се согласив за нашиот сакан и почитуван колега, кој беше комплетен музичар. Заедно со колегата Илија Ќосевски, кој беше негов близок пријател, ја доработивме песната во чест на Филип и во знак на негово сеќавање затоа што тој беше постојан учесник на Макфест во кој било поглед“, вели Илиев.
На втората фестивалска вечер, која ќе се одржи вечерва (24 октомври), покрај Зоран Илиев ќе настапат и Павле Камиловски, Симона Поповска, Димитар Андоновски, Зоран Ванев, Тамара Волчевска, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски, Ана Петановска, Јанг Дади, Никола Јанков-Коки, Јуле Николовска, Дејан Тасев, Марија Атанасова, како и петте пејачи кои на првата фестивалска вечер добија најмногу гласови од публиката, а тоа се Дорис Ди, Катерина Јовановиќ, Стефан Ефремов, Агни Авшар и Елена Наумова.
И оваа година нема да има парични награди за прво, второ и трето место затоа што според уметничкиот одбор на фестивалот тоа е „камен на сопнување помеѓу учесниците“, па затоа и годинава само ќе се прогласи најслушаната песна од минатиот до овој Макфест.
На последната вечер на 25 октомври ќе се испеат 16 макфестовски хитови кои победиле во изминатите 40 години и станале евергрини.
Т. ЈОВАНОВСКИ