Младата пејачка Викторија Ефтимова (21) го промовираше новиот сингл „Идеали“, чиј комплетен автор е.
Ефтимова студира соло пеење на Факултетот за музичка уметност во класата на Весна Ѓиновска-Илкова. Кај помладата публика е позната преку социјалната мрежа ТикТок, на која ја следат повеќе од 146.000 луѓе. За себе вели дека нема ограничувања во музичките стилови.
„’Идеали’ не е приказна, туку дијагноза на времето во кое живееме. Напишана е во момент кога сфаќам дека сите трагаат по она што го немаат, а забораваат на тоа што ни е пред очи. Инспирација ми беше тишината. Во неа најгласно се слуша вистината која боли да се каже“, вели пејачката.
Ова е нејзин десетти сингл и ќе биде дел од албумот кој треба да излезе до крајот на годинава. Викторија ги напиша текстот, музиката и аранжманот, како и за сите нејзини песни досега. Има вкупно 214 напишани и неиздадени песни.
„Никогаш не дозволувам друг да ја бои мојата слика. Видеото е моја визија, секако, песната е душата, а спотот е погледот во очите. Сакав да постигнам сурова емоција без филтри и без шминка. Луѓето водат некој дневник, некои работни обврски, а јас пишувам песни. Тие преку 200 песни не се само работа, туку 200 различни моменти во кои сум се нашла. Јас моите години ги доживувам само како бројка, а искуството во напишаните редови. Некој многу зборува, а јас пишувам“, додава младата пејачка.
На промоцијата, таа ја испеа својата нова песна и уште неколку македонски поп-хитови, заедно со бендот со кој настапува.
„Парите и славата ни го матат умот и забораваме на вистинските квалитети во музиката и се препуштаме на тоа што го прават сите. Приказната во спотот е дека се губиме себеси, исто како кога ќе се измешаат црвено и бело вино“, вели пејачката.
М. ЏАРОВСКА
Фото: А. Ангеловски