„Не ме сакаш“ е новата песна на поп-пејачката и харфистка Сара Мејс, која ја напиша таа, а аранжманот и продукцијата се на Роберт Билбилов.
Во спотот глуми и комичарот Стеган Николовски, а пејачката вели дека песната сменила неколку аранжмани додека се дошло до финалниот.
„Песнава смени неколку аранжмани и сценарија додека не стигнавме и како звук и како визуелен продукт до оваа последна идеја со целиот мој тим. На мое огромно задоволство, гостин во спотот е единствениот Стефан Николовски, кој внесе неверојатна енергија и му даде многу посебен ‘шмек’ на целиот проект. Интересен факт е што за потребите на спотов специјално учев да возам ролшули и имавме вежбачки ден за возење заедно со режисерот Дениз Абдула и снимателот Димитар Атанасовски“, ни рече Сара Мејс.

Таа е авторка и на нејзиниот претходен сингл „Убав е“, со аранжман од Роберт Билбилов, а Сара Мејс рече дека ѝ е драго што снимила песна во летен диско ритам.
Поп-пејачката и харфистка во Операта е сценаристка на спотот за песната „Хероина“, која излезе во 2024 и им ја посвети на сите жени кои не се откажуваат од борбата.
Сара Мејс и нејзиниот женски квартет со Ана Петановска, Калина Велковска-Кали и Теа Богатинова одржаа четири концерти со новогодишни и божиќни песни во декември во Битола, Штип, Скопје и Крива Паланка. Пред Нова година, тие ја снимија песната „Нека трепка“.
М. ЏАРОВСКА