Дваесетина композиции од анимирани класици на „Дизни“ ќе се изведат на 13 јуни во скопскиот Градски парк на традиционалниот концерт на Филхармонијата на отворено (20:30 часот) и оперските пејачи кои ќе настапат како солисти велат дека тоа е нов предизвик за нив и излегување од комфорна зона. Насловен „Фантазија“, на концертот ќе можат да се слушнат познати мелодии од „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Кралот лав“, „Снежно кралство“, „Херкулес“, „Покахонтас“…
Како солисти ќе пеат Биљана Јосифов (сопран), Денис Димовски (тенор) и Иван Наумовски (бас-баритон).
„Ова е нов предизвик за мене, возбудлив и различен од она што го имаме на сцената на Националната опера и балет. Првпат се среќавам со музиката на ‘Дизни‘ на овој начин. Обично сме навикнати на поинаков начин на изразување и да умираме на сцена, па сега се радувам што сите ќе живеат долго, како во приказните“, кажа сопранистката Јосифов.
Концертот ќе биде проследен со видеоисечоци и специјално осветлување.
„Откако ги добив нотите, се сеќавам беше 23 часот кога првпат ги погледнав. Потоа не можев да заспијам, ми дојде една убава возбуда што ќе бидам дел од ваков концерт. Досега не сум имал настап од ваков тип. Многу е тешко за пеење, не го знаев тоа. Воопшто не се наивни овие песни, но оркестрацијата е фантастична и ќе биде големо уживање“, кажа Иван Наумовски.
Диригент ќе биде Тимоти Редмонд од Велика Британија, кој рече дека ова е убава можност оркестарот да свири пред така голема публика.
„Филмовите на ‘Дизни‘ се и музика. Факт е дека сите пораснавме со оваа музика, па затоа ова ќе биде концерт за сите генерации“, изјави Редмонд.
Г. КОНЕВ
Фото: К. Попов