НЕКОИ МЛАДИ ПЕЈАЧИ ЈА РАСИПУВААТ МАКЕДОНСКАТА ИЗВОРНА МУЗИКА СО НИВНИТЕ ПРЕРАБОТКИ, ВЕЛИ ГРИГОР КОПРОВ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

„Жал ми е што со честите преработки на македонски народни песни некои пејачи ја расипуваат нашата традиционална музика“, вели композиторот Григор Копров.

Последниве години, тој слушал многу преработки на традиционални песни од пејачи за кои вели дека „не можат да ги износат“.

„Не мислам тука на преработките на патриотските песни, туку на изворните. Ако преработиш песна, треба да внесеш некоја иновативност. Ова што го слушам се многу лоши копии, немаат никаков концепт, ниту идеја“, вели Копров.

Композиторот интензивно се подготвува за фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури, кој ќе се одржува на сцената на „Долни Сарај“ на 29 и 30 август.

„Ќе се потрудиме и годинава да понудиме добра музика на двете фестивалски вечери, фолк и интернационална. Драго ми е што Оливер Мандиќ ќе биде наш специјален гостин и ќе прими награда за безвременски хит. Таква награда ќе му доделиме и на Сашо Гигов-Гиш за ‘Самовилска свадба’. Годинава, менаџерот Рака Мариќ, кој има организирано многу концерти на регионални и светски ѕвезди, ќе добие награда за особен менаџерски придонес во популарната музика“, вели Копров.

Како роден охриѓанец, тој додава дека му е мило што и годинава фестивалот ќе почне со видеоразгледница за Охрид, која се емитува во повеќе балкански земји. Фестивалот ќе се одржи по 32. пат.

М. ЏАРОВСКА