Ник Кејв ќе биде во фокусот на осмото издание на фестивалот на музички документарци Скопје синема сити, што почнува денеска. Австралискиот музичар е и годинашниот добитник на наградата за животно дело, а во Културно-информативниот центар вечерва во 20 часот се отвора изложба на српскиот фотограф Немања Ѓорѓевиќ, составена од фотографии од концертите на Кејв во Белград, Загреб и Нови Сад.

Утре, пак, во Кинотеката ќе се прикаже документарниот филм „Ник Кејв: 20.000 денови на Земјата“.

На годинашниот фестивал ќе можат да се погледнат и документарци посветени на Ела Фицџералд, гитаристот на „Ролинг стоунс“ Рони Вуд, Моби и на електронската музика, како и четири филма на Јане Алтипармаков за домашната музичка сцена.

Земја во фокус е Србија, во рамките на што ќе бидат прикажани четири филма кои освоиле награда на фестивалот Докенритам во Белград.

Фестивалот е во организација на здружението „Номад-Арт Скопје“.