Кантавторот Борис Цветановски познат како Рис Флауер по две години сними нова песна насловена „Сомот“ (Velvet), која му ја посвети на гитаристот Кристијан Волчев, кој почина неодамна.
Цветановски е од Скопје, а последниве две години живее и работи во Ротердам, Холандија.
Тој беше еден од финалистите на македонскиот избор за Песна на Евровизија во 2022, кога победи Андреа Коевска. Вели дека новата песна е најава за новиот албум, „Циклус“, кој ќе биде објавен на 18 септември.
Во мај 2023, Рис Флауер го издаде својот прв албум „Проток“ (Flow) со 13 песни, со кои, освен во Македонија, настапи и низ Источна Европа и Јапонија.
„Новата песна носи посебна тежина и длабока лична посвета на прерано починатиот коавтор, гитарист, аранжер и продуцент Кристијан Волчев. Неговите гитарски линии и музичка магија се втиснати во срцето на оваа композиција. Ова е мој начин да ја задржам светлината што тој ја сподели како траен, убав спомен на еден драг пријател и маестрален музичар“, вели Цветановски.

Музиката на „Сомот“ ја напишаа Цветановски, кој е автор и на текстот и Волчев, кој го направил аранжманот. Миксот е на Холанѓанецот Марејн Никерк.
Кристијан Волчев почина на 15 јули на 36 години. Тој беше гитарист, професор, композитор и аранжер. Публиката најмногу го памети како гитарист на алтернативниот рок состав „Греј“.
„Неговите нови аранжмани на ‘Јовано, Јованке’ и ‘Со маки сум се родила’ се музичко богатство кое останува во македонската култура“, кажаа неговите колеги.