ОФФЕСТ ПРОДОЛЖУВА СО „ФАЈТИНГ ВИНДМИЛС“ И СУПЕРГРУПАТА „ДИРТМЈУЗИК“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот бенд „Фајтинг виндмилс“ во 21 часот ја отвора втората вечер на 17. издание на фестивалот Оффест, а програмата во Денсинг салата на Младински културен центар во Скопје ќе ја дополни меѓународната супергрупа „Диртмјузик“.

Оффест е избирлив кога се во прашање македонските музичари и како што кажа директорот Оливер Белопета, „Фајтинг виндмилс“ оваа година се издвоиле од една мала листа што ја имал предвид.

„Фајтинг виндмилс“ функционира веќе десетина години и пред еден месец го издаде својот петти албум, што го прави еден од најангажираните бендови на македонската сцена. Нивниот стил тешко може јасно да се категоризира, но во последно време е најблиску до слободен џез.

По нив ќе настапат „Диртмјузик“, бенд кој требаше да биде еднократен проект, а прерасна во вистинска супергрупа, со музичари од неколку континенти.

Почнувајќи од 2007 година, тие имаат објавено четири албуми, од кои со последниот, издаден оваа година, навлегоа на една нова територија, откако на основата на бендот, Крис Екман и Хјуго Рејс, ѝ се придружи Мурат Ертел од „Баба зула“.

„Пост панк, турска психоделија, фанк рок и електроника, сето ова на едно место се ‘Диртмјузик‘“, се вели во најавата на концертот.

Г. КОНЕВ