ОХРИД ИМА ЕНЕРГИЈА КАКО НИЕДЕН ДРУГ ЕВРОПСКИ ГРАД, ВЕЛИ СРПСКИОТ ЕВРОВИЗИСКИ ПРЕТСТАВНИК ПРИНЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српскиот евровизиски претставник Принц вели дека Евровизија е најголемата реклама за еден музичар. Стефан Здравковиќ познат како Принц беше ревијален гостин на фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури.

„Ова ми е трета година по ред да доаѓам на фестивалот. Претходно се натпреварував, сега дојдов како ревијален гостин. Охрид ми сѐ гледа се поубав секоја година. Првпат бев овде со пријатели на одмор во 2010 и оттогаш често доаѓам. За мене, ова е свето место. Охрид има една ретка енергија каква што нема ниеден град во кој сум бил во Европа. Сега има и директна авиоска линија од Белград, па ќе доаѓам почесто“, ни рече Принц по настапот.

Тој ја испеа песната „Мила“, со која настапи на Евровизија во мај во Базел. Србија не влезе во финалето за првпат од 2017, кога Тијана Богичевиќ го освои 11 место во полуфиналето.

„Она што во фудбалот е светското првенство, тоа за музичарите е Евровизија. Многу врати ми се отворија. Сега ќе патувам во Казахстан, Кина, Италија, Англија, така што се отвораат нови пазари. Претходно бевме во Хрватска и Словенија, а во Македонија ќе дојдам да го промовирам новиот албум“, вели музичарот, кој е по потекло од Врање.

Сега живее во Белград, а во родниот град оди поретко и вели дека кога е во Врање, среќава многу негови пријатели од Куманово. Во средината на декември ќе одржи концерт во Белград, а во план му е концерт во Скопје во наредниве месеци.

М. ЏАРОВСКА