На 19 мај во Националната опера и балет (НОБ) од 20 часот ќе се изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Ќе диригира гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто од Италија, сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја игра Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска е во улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија). Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.