Хрватскиот поп-пејач Јаков Јозиновиќ (20) на 9 април ќе го одржи првиот концерт во Скопје, во салата „Јане Сандански“.
Јозиновиќ потекнува од спортско семејство од Винковци и студира политички науки во Загреб. Стана популарен во 2018 со учеството на музичкиот натпревар за млади таленти „Ѕвездички“, а подоцна и на „Суперталент“. Најголемо внимание привлекоа неговите настапи на улица и градски плоштади, каде што пееше хитови од Тоше Проески, Ѓорѓе Балашевиќ, Оливер Драгојевиќ, Здравко Чолиќ и други. Има снимено само две авторски песни, а распродава сали низ целиот регион.
„Ова ми е вторпат во Македонија, но првпат ќе настапувам. Пред три години бев во Скопје, дојдов на еден ден и тогаш бев тотално анонимен лик, никој не ме знаеше. И понатаму мислам дека никој не ме знае, но, еве, изгледа дека некој ќе дојде. Огромна ми е честа и баш коментирав вчера со мојата екипа дека исклучително го ценам фактот што јас сум од Хрватска, а некој од Македонија ме цени, слуша и сака да дојде на мојот концерт“, рече Јозиновиќ на денешната прес-конференција во Скопје.
Вели дека песните кои ги пее ги научил од татко му.
„Иако сум млад, некако тоа природно дојде до мене. Оливер Драгојевиќ и Дино Мерлин се слушаше во моето семејство, Здравко Чолиќ сам го препознав и почнав да го слушам. И од мојата 10-та, па до 20. година спонтано ми влегуваше во главата. И сфатив дека, всушност, тоа е она што јас најмногу го чувствувам и сакам да ѝ го пренесам на публиката. Од македонските пејачи пеам песни од Тоше, но би сакал да научам и други“, рече пејачот.
Јозиновиќ вели дека првото видео кое станало вирално на ТикТок е неговата преработка на „Песно моја“ (Писмо моја) од Оливер Драгојевиќ.
„Стана вирално кога ја пеев оваа песна со едни повозрасни луѓе на сплитската рива“, рече пејачот.
Јозиновиќ ги избрал студиите по политички науки поради насоката медиуми, новинарство и маркетинг.
„Политиката апсолутно не ме интересира и со неа никогаш не сакам да се занимавам. Но, се гледам во музиката и во музичкиот маркетинг. Кога го запишував факултет, видов дека може да ги опфати медиумите и маркетингот, што мене ми е интересно“, рече пејачот.
Скопскиот концерт е дел од турнејата „Јас за чуда летам“ (Ja za čuda letim). Неодамна ги објави сингловите „Поле со рози“ (Polje ruža) и „Јас сакам“ (Ja voliм), кој за две недели достигна речиси седум милиони прегледи на Јутјуб. Во рамките на турнејата тој ќе одржи концерти во Загреб, Белград (пет), Нови Сад, Риека, Сплит, Осиек и Љубљана.
Билетите се во продажба преку мрежата на Мк тикетс.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Јаков Јозиновиќ со новинарот Анотонио Димитриевски