„Оваа песна му ја посветувам на нашиот град кој уште се вика Скопје“, рече Влатко Стефановски на фестивалот Скрим кој се одржа вчера (1 ноември) во салата „Борис Трајковски“. Стефановски со бендот ја испеа „Скопје“ на крајот од нивниот настап, песната која со култната група „Леб и сол“ ја сними во 1987.
Познатиот гитарист настапи со стандардната постава: Иван Кукиќ на бас, Јан Стефановски на тапани, плус Дамир Имери на клавијатури, екипа со која одржа бројни концетрти низ регионот и во Европа последнава година.
„Никогаш не барам ништо од мојата публика. Не барам да пеете со мене, не оставам публиката сама да ми го пее рефренот. Но, оваа песна сите ја знаете и можеме заедно да се обидеме“, рече Стефановски како најава за „Џипси меџик“.

„Кога свириме во светот, луѓето не знаат што се седум осмини, па ги учиме да бројат. Но, постои еден ритам потежок за броење, а тоа се 11 осмини“, рече Влатко Стефановски. Уживање беше да се слушаат старите хитови на „Леб и сол“, неговите соло хитови како и легендарната „Бистра вода“ за која замоли да се слуша во тишина.
Скрим фестивалот во организација на продукција „Прагма“ беше три концерти во една вечер: „Рибља чорба“ со новиот пејач Јован Јефтиќ, „Влатко Стефановски трио“ и „Галија“.

Речиси четири часа, публика од повеќе генерации ги пееше хитовите на трите бенда. Настанот почна со „Рибља чорба“, а заврши со групата „Галија“ од Ниш, која ја одржа популарноста 48 години со фронтменот Ненад Милосављевиќ-Неша. Влатко Стефановски годинава прослави 50-годишен јубилеј, а „Рибља чорба“ во оригиналната постава е основана во 1978.

Фестивалот Скрим се врати лани по неколкугодишна пауза, а организаторите рекоа дека ќе стане традиција, секој ноември три големи бенда ќе одржуваат концерти во една вечер.
М. ЏАРОВСКА