Со настапот на полскиот пијанист Анджеј Јагоѓински вечерва (20 часот) започнува 44. издание на Скопскиот џез фестивал. Целата четиридневна програма ќе се одвива во Националната опера и балет зашто оваа година нема да има полноќни концерти во Младински културен центар, кои беа своевиден „афтер парти“.
Јагоѓински (72), кој првпат е на СЏФ, ќе настапи со своето трио основано во 1993 година. Најавено е дека тие ќе свират дела од класичните композитори Шопен и Бах во џез аранжмани.
Од 22 часот е концертот на Националниот џез оркестар (НЏО), кој ја продолжува традицијата на настапи на оркестри на овој фестивал. НЏО е исклучително активен на домашната и регионалната сцена откако лани го доби статусот на национална институција, а овојпат му гостуваат австрискиот диригент Зиги Фајгл и американскиот тромбонист Луис Бониља.
Член на оркестарот е и пијанистот Гордан Спасовски, на кого ќе му биде врачена наградата за најдобар џез музичар за 2025.
Во следните три дена ќе има уште шест концерти, а поголемиот дел од учесниците доаѓаат од САД.