По 11 години пауза се враќа еден од омилените настани на македонската метал сцена: концерт посветен на Чак Шулдинер, еден од пионерите на дет металот и фронтмен на „Death“ и „Control Denied“. Настанот кој беше традиционален во периодот од 2002 до 2014 ќе се одржи на 9 мај во Младински културен центар во Скопје, кога специјално составен бенд ќе свири песни од двете групи, чиј основач беше Шулдинер.
„Настанот во минатото се одржуваше во декември, месецот во кој почина Шулдинер, но овојпат се решивме за мај, во чест на неговиот роденден на 13 мај“, вели Методи Сулев, идејниот творец на трибјутот и долгогодишен фан на делото на легендарниот американски музичар.
Тој се присети како во 1990-тите се допишувал со Шулдинер.
„Во тоа време немавме интернет, па контактиравме по писмен пат, со лист и пенкало“, кажа Сулев.
Најави дека се спремаат 17 песни за концертот и за разлика од порано, на бината нема да се изменуваат многу музичари, туку само пејачите, кои ќе бидат четворица.
Шулдинер почина во 2001 на 34 години и останува еден од највлијателните метал музичари во историјата. Во својот краток живот објави седум албуми со „Death“ и еден со „Control Denied“, на кои како пејач, гитарист и комплетен автор постојано ги поместуваше границите на жанрот и на своите творечки можности.
Г. КОНЕВ