На 4 септември од 20 часот, во обновената кино-сала во Валандово ќе се одржи промоција на винил изданието на ансамблот„Распеани валандовчани“. Промоцијата е во организација на Општина Валандово и во соработка со ансамблот.
Ансамблот притоа во живо ќе изведе дел од својот репертоар. Ќе се прикажат и аудио-визуелени документарни материјали за историјата на ансамблот од основањето до денес.
Иницијативата за ова издание произлезе од музичарот Мирко Попов, кој почина во март 2024, инспириран од звукот на македонската народна песна. Со тоа „Распеани валандовчани“ доби ново издание на винил, кој стана дел од дискографијата на „ПМГ џез“. Ова е нивно второ издание на винил, кое излегува 50 години по првото издание за тогашната Радио-телевизија Београд.
Албумот е достапен за слушање и бесплатно преземање на платформата на „ПМГ џез“.
На плочата има осум композиции, од кои седум народни песни: „Што да правам, што да чинам“, „Сношти дојдов од Стамбола“, „Настрана, настрана Нешо“, „А дадеја Јана“, „Малој моме цвеќе брало“, „Мори чупи костурчанки“, „Мома седи на чардакот“ и песната „Химна на Валандово“ на Леонид Манчев во аранжман на Петар Ризов.
Изборот на композициите го направи Мирко Попов, кој е и извршен продуцент. Претседател на ансамблот „Распеани валандовчани е Зоран Стојчев, а музички раководител е Петар Ризов. Музиката е снимена во Валандово од Владан и Павел Дробицки, а миксот и мастерингот се на Владан Дробицки. Омотот за ова издание го изработи професорот, уметник и дизајнер Костадин Танчев-Динка. Носител на проектот и издавач на винилот е здружението за развој на музика и култура „Крај Вардарот“, чија реализација ја раководеше Виолета Качакова.