ПОПУЛАРНОСТА МИ ПРЕЧЕШЕ, ПА САМИОТ СЕ ПОВЛЕКОВ, ВЕЛИ ПЕЈАЧОТ САШО СПАСОВСКИ КОЈ БЕШЕ ГОСТИН НА МАКФЕСТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачот Сашо Спасовски познат по хитот „Пијан и млад“ беше гостин на фестивалот Макфест вчера (24 октомври) во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

Спасовски речиси дваесет години не пее, но уште се занимава со музика, работи како професор по пијано. Многумина го препознаа и се сликаа со некогашниот миленик на тинејџерките кој на Макфест не настапил од 2002, со песната „Дај ми прилика“. Овојпат, тој дојде на фестивалот како гостин во публика.

„Долго време не живеев во Македонија, бев прво во Австралија, потоа во САД во Калифорнија, па живеев во Шпанија, сега живеам во Скопје, во мојата стара куќа во населбата Влае. Самиот решив да се повлечам од пеењето, затоа што почна да ми пречи популарноста. Бев многу млад и ми беше голем притисок и товар и се решив за помирен живот“, ни рече Сашо Спасовски. Тој вели дека му е драго што неговата „Пијан и млад“ се пее и денес.

„Нема настап во Скопје без таа песна. Мнгоу пријатели уште ми пуштаат видеа од пејачи и бендови што ја свират на забави. Не знам, можеби и ќе направам некој ремикс на истата песна, нова верзија. А, можеби и нова песна од Роберт Саздов“, вели Спасовски.

Роберт Саздов кој е уметнички директор на фестивалот е автор на оваа песна и на првите хитови на Сашо. Тој потоа работеше со Ацо Богдановски- Конга, кој беше негов менаџер. Богдановски почина во 2013.

М. ЏАРОВСКА