ПОРАСНА СЛУШАНОСТА НА МУЗИКАТА НА ШОН ДИДИ КОМБС ОТКАКО БЕШЕ УАПСЕН

Њујорк, (АП)

Големиот музички каталог на Шон Диди Комбс бележи пораст на стримувањето откако тој беше уапсен минатата недела и обвинет за трговија со луѓе, рекетирање, киднапирање и други кривични дела. Слушаноста на музиката на Комбс, издавана под разни имиња како Диди, Паф Деди и Пи Диди, пораснала за 18,3% минатата недела во споредба со една недела пред тоа, објави аналитичката компанија „Луминејт“.

„Не сум изненаден од ваквиот пораст. Стримувањето е слично со пребарувањето за еден уметник на Гугл како средство за задоволување на љубопитноста. Музиката стана уште едно парче информација додека се обидуваме да сфатиме нечии злосторства“, изјави Џорџ Хауард, професор по музички бизнис менаџмент на музичкиот колеџ Беркли.

Обвинувањата против Комбс, на кого му беше одбиена кауција, се протегаат до 2008. Тој се обвинува дека со години злоставувал, се заканувал и присилувал жени за да ги исполни своите сексуални желби, да го заштити својот углед и да го прикрие своето однесување.

(Фото: АП)