САКАМЕ ДА ПРИВЛЕЧЕМЕ ПОМЛАДА ПУБЛИКА НА ФЕСТИВАЛОТ „МЛАДИ ЗА МЛАДИ“ НА ЛЕТНАТА СЦЕНА НА МНТ, РЕЧЕ ДАРКО ЈОРДАНОВ ОД „СТЕРЕОЛАБ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шест концерти ќе се одржат на летната сцена на МНТ од 12 до 21 јуни на фестивалот „Млади за млади“. Тој се одржува втора година на летната сцена „Славиша Кајевски“, а годинава, фокусот е на млади бендови и музичари.

„Овие млади бендови се многу важни за нашата култура и имаат ретка можност да свират на ваква сцена пред 500-1.000 луѓе“, рече на пресот во Македонскиот народен театар Дарко Јорданов, главен уредник на онлајн радиото „Стереолаб“.

Фестивалот започнува со концерти на „Фанк шуи“ и „Спејс“ на 12 јуни. Следниот ден свират „Карла Левински“ и „Фикшн“. Фестивалот продолжува на 14 јуни со настапи на „Кем“ и „Поетроника“ на музичарот Андреја Салпе и актерот Оливер Митковски. Истата вечер диџеј сет ќе има М.И.К.

На 19 јуни настапуваат Мартин Џорлев и неговиот проект „Животни“ и Елена Васова. На 20 јуни концерти ќе имаат „Новиот почеток“ и „Милко“, а фестивалот на 21 јуни ќе го затворат „Вагина корпорација“ и џез-составот „Светлост“.

„Имаме доволно интересни бендови да привлечеме секаква публика, а особено помлада. Важно ни е да имаме полни шест вечери. Ретко каде се нуди можност да се слушаат два бенда во една вечер за 300 денари за билет“, рече Јорданов.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, кажа дека годинава летната сцена е фокусирана на концерти, за разлика од лани, кога имаше и театарски претстави. Тој рече дека квалитетот на претставите се губи кога се играат надвор поради тоа што не можат да се добијат атмосфера и тишина како внатре во театарот.

Сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за „Супорт Кочани“, односно за понатамошното лекување и рехабилитација на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

М. ЏАРОВСКА

Дарко Јорданов (лево) со директорот на МНТ Никола Кимовски и претставничка на „Телеком“ (Фото: К. Попов)