СЕ ПРОШИРУВА КАПАЦИТЕТОТ ЗА КОНЦЕРТОТ СО НАЈГОЛЕМИТЕ ХИТОВИ НА КОРЕЈСКИОТ ПОП ВО СКОПЈЕ НА 28 ФЕВРУАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Се проширува капацитетот за мултимедијалниот настан „К-поп: Засекогаш“, кој ќе се одржи на 28 февруари во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Од продукцијата „Прагма“ велат дека ќе бидат пуштени во продажба и билетите за горните трибини.

Ова ќе биде концерт на трупа од Англија која ќе изведе хитови од корејската поп музика и од филмскиот хит на „Нетфликс“, „К-поп: Ловци на демони“ (фото). На концертот ќе настапат четворица пејачи и четворица танчари, а се најавува шоу со ЛЕД екрани во ултрависока резолуција и моќни визуелни и специјални ефекти. 

Публиката ќе ужива во изведбата на хитовите што ги поставија ‘Би-Ти-Ес’ на врвот на светската поп-култура, моќната женска енергија инспирирана од ‘Блекпинк’, експлозивните кореографии на ‘Твајс’, романтичните мелодии на ‘Меломанс’ и во заразната поп-експлозија на ‘Хантер/Икс’ и ‘Саџа бојс’“, велат од „Прагма“.

Филмот „К-поп: Ловци на демони“, кој е инспирација за ова шоу, собра повеќе од 250 милиони прегледи во првите три месеци и неодамна доби два златни глобуса.

Картите се продаваат по цена од 1.000 денари.