Oперската пејачка Миланка Новеска- Густавсон која живее во Шведска ќе одржи два концерти во Македонија. Во родниот Охрид, Новеска ќе пее заедно со нејзината колешка, сопранот Тина Ристеска во црквата „Св. Софија“ утре (21 август) од 20 часот. Во Скопје, таа ќе одржи концерт на 25 август во Салон „19:19“ во 19:19 часот.
„Охрид е мојот корен, а ‘Св. Софија’ е голема инспирација. Јас не само што пеам, туку и живеам преку музиката. Чувството да ја споделам мојата уметност со публиката во тој свет простор е дар и обврска, да ја пренесам убавината, тагата, радоста и надежта кои музиката ги носи во себе. Заедно со сопранот Тина Ристеска и пијанистката Ана Велиновска ќе настапиме на два концерти, во Скопје и во Охрид“, ни рече Новеска.

„Концептот ни е музички времеплов и ќе имаме дела на репертоарот од различни епоки“, додава операската пејачка.
На концертите ќе има дела од: Моцарт, Хендел, Вивалди, Пучини, Росини, Зографски, Белини, Офенбах и други композитори. Концертот е насловен „Времеплов“. Во родниот Охрид, Новеска доаѓа по една година пауза.

Во Стокхолм се преселила поради работата и нејзиниот сопруг, кој е Швеѓанец.
„Претходно осум години бевме во врска на оддалеченост додека студиравме. Тој е исто музичар, виолинист и професор по хармонија и солфеж. На почетокот ми беше исклучително тешко да се прилагодам затоа што студирајќи и работејќи во Букурешт седум години имав стекнато многу блиски пријатели и бев на работни позиции и проекти кои ги напуштив заради преселбата. Оттука започна една нова фаза во мојот развиток, која со упорност ми отвори нови прекрасни можности и, секако, имајќи го сопругот Роде покрај мене, ми се овозможи многу поголема емотивна стабилност“, ни рече мецосопранот Новеска.
Средно музичко училиште таа завршила во Скопје и добила целосна стипендија од романското министерство за образование за да ги продолжи студиите во Романија. Наградена е со медал како ученик на генерацијата во 2019 во Букурешт и со наградата „Патрон на градот Св. Климент Охридски“ во Охрид. Новеска ги комплетираше своите втори магистерски студии на Катедрата за опера во Стокхолм.
М. ЏАРОВСКА