СÈ УШТЕ ЈАДАМ ЛЕБ ОД „АНГЕЛИ И ДЕМОНИ“, ПОБЕДНИЧКАТА ПЕСНА НА МАКФЕСТ ВО 2011, ВЕЛИ ШТИПЈАНЕЦОТ ЗОРАН ИЛИЕВ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

На годинашниов јубилеен 40. Макфест, кој ќе се одржи на 23, 24 и 25 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, со свои интерпретации ќе продефилираат над 40 познати и помалку познати пејачи, од кои дел ќе бидат дебитанти, а ќе настапат и поранешни победници.

Еден од повозрасните е и штипјанецот Никола Јанков-Коки (фото), кој во 1996 година заедно со Душан Љубисављевиќ-Дуле ја испеаја победничката песна „Виолина и гитара“.

Вечно ќе се сеќавам на музиката по тие наши стари штипски калдрми и секако, на нашиот победнички хит ‘Виолина и гитара‘. Од сите досегашни учества на Макфест тешко е да се издвои некој посебен момент, бидејќи се многу. Чувството е убаво да се биде дел од плејада млади интерпретатори. Макфест и за нив, исто како и за нас, бил почеток на кариерата“, вели Јанков.

На неговиот сограѓанин Зоран Илиев во убаво сеќавање му е 2011 година, кога на 26. издание првпат стапнал на сцената на Макфест.

Задоволството беше големо кога како дебитант успеав да победам со песната ‘Ангели и демони‘. Народски кажано, јас сѐ уште јадам леб од оваа песна. Тогаш бев поканет да учествувам од уметничкиот директор Јован Јованов и задоволен сум што уметничкиот одбор ме покани да учествувам и на овој јубилеен Макфест“, вели Илиев.

Незаборавни спомени од Макфест носи и младата пејачка Лара Иванова, која првиот настап на Макфест го имаше во 2019.

Во изминатите неколку години стекнав големи искуства на овој фестивал, со многу дружби и многу музика. Секако, незаборавна е песната ‘Бела‘, што ја изведовме заедно со Пајак во 2022 и за која наредната година ја освоивме наградата за најслушана песна“, вели Лара.

Според планот на Уметничкиот одбор на Макфест, предвидено е првата вечер да настапат повеќе дебитанти, а на завршната, трета вечер ќе бидат испеани најголемите хитови. Била поканета и првата победничка на Макфест, Словенката Хелена Благне, но поради тешкотии со авиопревозот, таа го откажала учеството.

Т. ЈОВАНОВСКИ