СНИМИВ ПЕСНА ЗА ВЕЧНАТА БОРБА ПОМЕЃУ СРЦЕТО И УМОТ, ВЕЛИ САРА МЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сара Мејс е автор на нејзината нова песна и спот насловени „Убав е“. Аранжманот е на Роберт Билбилов, а поп-пејачката и харфистка вели дека ѝ е драго што снимила песна во летен диско ритам.

„Песната е за вечната борба, кога срцето ти сака, а умот ти вели дека тоа и не е баш добро за тебе. А, срцето продолжува да ти сака, и цело време така во круг. Во еден момент си викаш: ‘Што ако е убав’ и веднаш во наредниот си викаш ‘ама, убав е”, ни рече Сара Мејс за новата песна.

Спотот е снимен на плажа во Грција, а пејачката се надева дека ова лето синглот ќе се слуша, особено кај младите. Режисер на спотот е Томислав Живковиќ, а песната е снимена во студиото на Билбилов, кој е нејзин продуцент.

Минатата година, Сара Мејс ја сними песната „Ептен љубовна“ во дует со Игор Џамбазов и женскиот вокален состав „The Girlzz“ во кој е член таа заедно со Калина Велковска, Ана Петановска и Теа Богатинова.

Поп-пејачката и харфистка во Операта е сценарист на спотот за песната „Хероина“, која излезе лани во јуни, и им ја посвети на сите жени кои не се откажуваат од борбата.

„Непланирано дојде оваа песна, сама си се излеа некако. Доаѓа од она што сум го почувствувала и сфатила досега во мојава животна приказна, и детството и сегашноста“, вели Сара Мејс.

М.ЏАРОВСКА