Тапанарот Михаил Парушев го издаде новиот албум „Атер“ со неговата група „Парусион“. Дел од гостите на албумот е и познатиот саксофонист и кларинетист Ферус Мустафов, кој почина во 2023.
„Легендарниот Ферус со нас ги свиреше ‘Во наше село’, ‘Дебар добар дабар’ и ‘Лулка’. Ова е ретроспективен албум на мои, досега неиздадени композиции и драго ми е што и снимките со Ферус, како и со трубачот Александар Николовски се дел од него“, вели Парушев.
Гости на албумот се и Зоран Костадиновски на гитара, Драган Полизовски на кавал, Катја Корен, Калина Велковска, Искра Србиновска, Драган Трајковски и Ана Христова како вокали, Иван Бејков, Трајко Симоновски и Мартин Јосифовски на бас гитара, Ѓоле Грујовски на гитара и Јован Цветковиќ, Филип Димишковски и Дамир Имери на пијано. На една композиција свири и џез трубачот Александар Николовски, кој почина во 2021.
Михаил Парушев е аранжер и композитор на сите композициии, а освен тапани, тој на албумот свири и други инструменти. Парушев е продицент на албумот, на кој има осум композиции. Албумот е во издание на „Темпо дигитал продукција“.
М. ЏАРОВСКА