Поп-пејачот Александар Тарабунов ја сними новата песна „Пеј“, за која вели дека настанала од спонтана инспирација. Тарабунов е комплетен автор на песната. Тој ги напиша музиката, текстот и аранжманот и ја сними во неговото студио. Самиот го снимаше и спотот на хрватскиот остров Хвар со неговиот телефон.
„Ова видео е снимено лично од Александар Тарабунов на островот Хвар во Хрватска, место каде што секој кадар носи вистинска емоција, моменти и искрен печат од неговото патување. Без глума, без маски, само живот фатен низ објективот. Секој поглед, секој чекор и секој звук се спојуваат со песната ‘Пеј’ за да ја раскажат неговата лична приказна, онака како што навистина е почувствувана. Монтажата е дело на Зоран Зонде Стојановски, кој од сите овие вистински моменти создаде визуелна приказна“, се вели во описот на ова видео.
„Публиката ѝ верува на музиката кога е вистинска и може да се пронајде во неа. Секоја моја песна носи своја приказна, некогаш инспирирана од мојот живот, а некогаш од нечии други животни искуства. Го избрав островот Хвар за снимање на спотот за најдобро да ја долови приказната“, ни рече пејчот за новата песна.
М. ЏАРОВСКА