Стеван Феди од Црна Гора ја доби Гран при наградата на фестивалот „Песните на Тоше Проески“, кој годинава се одржа во Културниот центар во Битола. Феди го пееше хитот на Тоше на англиски јазик „Најтешкото нешто“ (The Hardest Thing) и победи во конкуренција на пејачи од Словенија, Хрватска, Украина, Црна Гора, Македонија, Казахстан и други земји, кои ги пееја песните на оригиналнот јазик на кој се снимени.
Минатата година, овој фестивал се одржа во Скопје, а организаторите сега решиле да биде во Битола. Учесниците симболично биле сместени во Крушево, родниот град на Тоше. Фестивалот се одржа два дена по одбележувањето на 18 години од неговата смрт.
„Највисокото фестивалско признание Гран при беше доделено на Црна Гора, согласно одлуката на професионалното жири. Голема чест ни беше да го угостиме Стеван Феди, композитор, вокален солист и искрен пријател на Македонија, чијa емотивна изведба на песната ‘Најтешкото нешто’ остави силен впечаток и на посебен начин го одбележа ова издание на фестивалот“, ни рече менаџерот Марјан Катароски.
Фестивалот го организираше „Естрада мултимедија центар“, во соработка со Фондацијата „Тодор Проески“, под покровителство на Светската асоцијација на фестивали.
На ланскиот фестивал во Скопје победи фаворитката на многумина Нела Манчевска, кога за најдобрите гласаа членовите на бендот на Тоше. Најголем впечаток остави Софија Климентева од Украина, дете со оштетен вид, која ја испеа песната „Соба за тага“.
М. ЏАРОВСКА