Виена повторно ќе биде домаќин на Евровизија во 2026, соопшти Јавниот радиодифузен сервис ОРФ на Австрија.
По 11 години откако австрискиот главен град последен пат го организираше музичкиот натпревар, 70. издание на Евровизија ќе се врати во Виена во 2026 година. Финалето е закажано за 16 мај.
Австрија ги доби правата за домаќин откако нејзиниот пејач Џеј Џеј победи на Евровизија 2025 во Базел, Швајцарија. Виена на крајот го победи градот Инсбрук во трката за домаќин на натпреварот.
Главниот град, дом на околу 2 милиона жители, ја поднесе својата кандидатура под мотото „Европа, ќе танцуваме?“. Виена го истакна своето евровизиско искуство, сигурната инфраструктура и обемниот хотелски капацитет.
Инсбрук, во меѓувреме, водеше кампања со слоганот „Заедно на врвот“, истакнувајќи го својот алпски пејзаж и модерна арена.
Да се биде домаќин на Евровизија носи економски поттик, може да го подигне меѓународното реноме на градот и да привлече туристи, како што покажаа претходните домаќини како Ливерпул, Малме и Базел.
(Фото: ДПА)