ВИЛ СМИТ И ЕРА ИШТРЕФИ ЈА ПРАВАТ ХИМНАТА ЗА МУНДИЈАЛОТ ВО РУСИЈА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Американскиот рапер и актер Вил Смит со пост на Инстаграм навести дека ја прави официјалната химна на Светското фудбалско првенство во Русија, кое почнува на 14 јуни.

Според информациите, таа треба да биде промовирана в петок, а освен Смит, во песната учествуваат и косовската пејачка Ера Иштрефи, американскиот рапер и диџеј Дипло и американскиот пејач Ники Џем. Се верува дека тие викендов го снимиле спотот за песната, чие име засега не е објавено.

Официјалните песни вообичаено се изведуваат на отворањето и на затворањето на првенството.

Химната за СП 2014 во Бразил ја снимија Питбул, Џенифер Лопез и Клаудија Летите, а четири години порано во Јужна Африка, таа беше дело на Шакира.