ВЛАДО ЈАНЕВСКИ, ГОСТИН НА КОНЦЕРТОТ НА ВЕСНА ПИСАРОВИЌ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владо Јаневски ќе биде гостин на концертот на хрватската пејачка Весна Писаровиќ, кој ќе се одржи на 28 март во Филхармонијата. Организаторот на настанот „Евентум“ вели дека Јаневски ќе пее по желба на Писаровиќ.

„Поводот е нивното долгогодишно пријателство, но и дуетот ‘Љубовта е религија‘ (Љубав је религија) снимен пред речиси дваесет години, песна што остави длабока трага и кај македонската и кај хрватската публика. Весна Писаровиќ лично посака Владо да биде дел од нејзиното прво гостување во Македонија како симболично продолжение на нивната заедничка приказна“, велат организаторите.

Јаневски ја сними оваа верзија на македонски во дует со Каролина Гочева.
По неколку години живот во Берлин, каде што се посвети на џезот, Писаровиќ ѝ се врати на поп музиката и почна да одржува концерти во регионот. Билетите се во продажба преку www.sountix.com.