ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ВО ЗАГРЕБ ЈА СНИМИ БАЛАДАТА „ПРИНЧИПЕСА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Принчипеса“ е новата балада на Владо Јаневски, која беше промовирана на радио „Бубамара“ и неговиот јутјуб канал. Јаневски е автор на музиката и текстот, а аранжер е хрватскиот музичар Никша Братош, кој редовно соработува со македонскиот кантавтор. Песната е снимена во студиото на Братош во Загреб.

„Принчипеса“ е најава на заедничкиот концерт на Владо Јаневски и Бајага, кој ќе се одржи на 14 февруари во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на „Авалон“.

На неодамнешната прес-конференција во Скопје, Јаневски се присети како се запознале со Момчило Бајагиќ-Бајага.

„Кога заминав кај Бајага имав цели две-три песни и ми требаше помош како ‘млад’ пејач. А, кој да ми напише песна освен најголемата ѕвезда. Бајага и јас сме стари другари, по години сме слични, но тој имаше фора многу пред мене, затоа што почна како многу помлад. Тој ми дозволи да ја препеам ‘Твоите очи’ од Здравко Чолиќ, која тој ја напиша“, рече Владо Јаневски.

Во 2025, тој промовираше албум за хрватскиот пазар со 16 нови песни во издание на „Менарт“.

„Со текот на годините собирав голем број песни што ги снимив на македонски јазик и бидејќи учењето различни јазици отсекогаш ми било лесно, решив да ги преведам моите текстови на хрватски, да снимам нови верзии и да ги понудам на издавач“, рече кантавторот.

Фото: К. Попов