Вo Велес почнува четвртото издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика, кое ќе трае три дена.
Вечерва (26 септември) од 21 часот настапуваат „Трансверс“ и „Парусион груп“, а утре е концертот на триото на Влатко Стефановски (21 ч.), кој во Велес доаѓа по децении пауза. Претходно, на платото пред Спомен костурницата настапува проектот на Дино Донев и Тома Димовски, „Во тек“. В недела е концертот на „Сторитеилс“, на Дино Донеф, Мариа Дафка и Кирјакос Топакис, нивна приказна за Марко Цепенков. Концертите се во Велешки театар.
„Целта ни е да ја децентрализираме уметноста од Скопје, да ја подигнеме културата во Велес. Нашето здружение се залага за деметрополизација на културата, да не биде сѐ сконцентрирано во Скопје, туку и во Велес да се слушнат и видат групи кои настапуваат по светот. Такво е и ова издание, интернационално. Фестивалот вклучува авторска музика, алтернативна музика, добар звук“, рече актерот Фаик Мефаиловски, член на организацијата на фестивалот.
Во придружната програма на фестивалот, секоја вечер по концертите ќе има афтерпарти. Фестивалот е финансиски поддржан од Општина Велес со 600.000 денари и за првпат годинава, од Министерството за култура со 220.000 денари.
„Би сакал младата публика да дојде во поголем број. Ја поканувам да присуствува на програмата, која има тежина и уметничка цел да нѐ превоспита сите нас“, кажа Сашко Костов, музичар и член на организацијата.
П. ПЕЧКОВ
Фото: К. Попов