ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ВО СПЛИТ ЈА ПРИМИ ПРЕСТИЖНАТА НАГРАДА „ПОРИН“ ЗА ПРИДОНЕС ВО МУЗИКАТА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Македонскиот музичар гитарист со меѓународно реноме Влатко Стефановски вчера (27 март) во Сплит доби награда за особен придонес во хрватската музика „Порин“. Како што објави „Кроација рекордс“, соработниците на Стефановски, тој ја воодушеви сплитската публика со акустичен концерт во концертната сала „Иво Тијардовиќ“, на кој му беше доделена наградата.

Концертот беше своевидна ретроспектива на неговата работa. Вечерта ја отвори со песната „Абер дојде донке“, по што следуваа „Македонско девојче“, „Елено ќерко“, „Калајџиско оро 11/8“.

Наградата „Порин“ во име на Управниот одбор на Порин, му ја додели хрватскиот кантавтор и композитор Златан Стипишиќ-Џибони.

Џибони му ја врачи наградата на долгогодишниот пријател и соработник Стефановски. (Фото: Ф. Ковачевиќ)

Откако се заблагодари за наградата, раскажувајќи се важните моменти од својата богата кариера, публиката го испрати Стефановски со овации и громогласен аплауз. Концертот заврши со песната „Скопје“, која ја изведе на бис, при што истакна дека токму ваквите соло концерти за него се најголема одговорност: „Кога сум сам на сцената, се слуша секој тон и нема простор за грешка“.

„’Porin Special Merit Award’ е потврда за Стефановски како еден од најзначајните музички уметници во регионот, чиј богат опус силно го обележал и хрватскиот културен простор. Неговата кариера, која трае со децении, ги надминува националните и жанровските граници, а препознатливиот спој на традициски мотиви и современ израз му обезбеди статус на вистински уметнички авторитет“, велат од „Кроација“.

Оваа награда претходно ја имаат добиено „Ролинг стоунс“, „Пинк флојд“, Роби Вилијамс, Горан Бреговиќ, Ерик Клептон и други светски познати музичари.

(Фото: Ф. Ковачевиќ)