ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ВО СПЛИТ ПРОМОВИРАШЕ ДВА НОВИ АЛБУМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во пресрет на добивањето на хрватската награда Порин, легендарниот гитарист Влатко Стефановски во Сплит ги претстави албумите „Мускулна меморија“ и „Гитарaта пее“.

Ова се две различни, но меѓусебно поврзани изданија на „Кроација рекордс“. „Гитарата пее“ е албум со инструментални композиции, а „Мускулна меморија“ е авторски албум за кој Стефановски вели дека е резултат на долг и интензивен креативен процес.

„Морам да признам дека сум многу задоволен и среќен што овој албум ја виде светлината на денот по три години снимање. Во овие времиња, кога сите имаат нешто паметно да кажат и кога имаме поплава од информации и мислења, настанува своевидно преоптоварување. Проблемот сум јас, се обидувам сè што имам да кажам да го изразам преку музика, преку гитарски фрази“, рече Стефановски.

Додаде дека му било тешко да одлучи за што да пее и каква порака да му испрати на светот во овој момент.

„Универзалната порака секогаш е љубовта, но тој збор, поради прекумерната употреба, го изгуби своето значење. Љубов, слобода, емпатија, солидарност – сите тие зборови, за жал, ја изгубија својата сила“, рече гитаристот.

Авторскиот албум има девет песни, од кои четири се инструментални, а пет вокални. Песната „Модерни времиња“ зборува за дигиталниот свет:

„Таа песна е одговор на вештачката интелигенција, на дигиталниот и роботскиот свет. Не е дека тоа е бескорисно, напротив, но се обидувам да бидам умерен во сето тоа“.

На албумот, покрај неговиот син Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас, му се придружија и Ѕвездан Ружиќ, Дамир Имери и Горан Папаз. Говорејќи за насловот на албумот, Стефановски објасни дека зад него стои идејата за таканаречената мускулна меморија, односно долготрајно вежбање и совладување на вештината:

„Велат дека се потребни 10.000 часови работа за да се стане мајстор. Се согласувам, без разлика дали изработувате чевли, гитари или виолини, толку време е потребно за совладување на секој занает“, рече Стефановски.

За него, поимот мускулна меморија во музиката има и подлабоко значење.

Влатко Стефановски во Сплит (Фото: Ј. Бабиќ)

„Џез-музичарите ќе кажат дека тоа е свирење напамет, односно како што раката памети. Јас секогаш ѝ давам предност на раката пред свеста, бидејќи нашата свест често ги расипува нашите амбиции, имагинација и однос кон светот“.

„Таа мускулна меморија во случајот на Стефановски и тоа како се чувствува на овој албум. Ако слушате внимателно, ќе наидете на композиција која по дефиниција е речиси трендовска, класичен рокенрол, но и на еден друг дел кој мене лично ми е најдраг. Ако не знаете што било порано, што се случувало во 1970-тите, доволно е да го слушнете овој албум и да ја чуете музиката што инспирирала многу генерации, па така и самиот Влатко. Освен што повикува на ‘мускулна меморија’, овој албум повикува и на своевидна ‘меморија на увото’, особено кај нас, постарите слушатели“, рече музичкиот критичар Златко Гал.

(Фото: Ф. Ковачевиќ)