ВО БИТОЛА ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ НА КЛАСИЧНА МУЗИКА ИНТЕРФЕСТ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Народниот театар во Битола ќе започне фестивалот на класична музика Интерфест. На отворањето, Битолскиот камерен оркестар (фото) ќе го свири делото „Катули Кармина“ од Карл Орф, а диригент е Владимир Димовски.

Притоа ќе настапат и мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ од Битола, со кој ќе диригира Лилјана Трајковска-Димевски и солистите Билјана Талевска – сопран и Саша Арсенков – тенор од Србија.

„Иако првично напишано за четирирачен клавир и голем ансамбл на ударни инструменти, ова дело ќе биде претставено во нова верзија, адаптирано за камерен оркестар од маестро Владимир Димовски. Со тоа делото добива свежа звучна димензија, полна со нијанси и динамика“, велат од Битолскиот камерен оркестар.

Ж. ЗДРАВКОВСКА